И покрај кризата и нестабилноста што продолжуваат да ја тресат европската економија, финансискиот и банкарскиот сектор во земјава се стабилни. Ова е заедничка констатација на министерот за финансии Зоран Ставрески и гувернерот на Народна банка на Македонија, Димитар Богов. Двајцата водечки луѓе во македонските финансии сметаат дека состојбата во банкарскиот сектор во земјава останува стабилна, како и дека во тој дел не постојат системски ризици. Банките успеваат да се справат со сите ризици што ги носи работењето, е пораката што вчера ја упатија и Ставрески и Богов, пред одржувањето на редовната средба меѓу претставниците на финансиските супервизорски органи. Генерална констатација е дека финансискиот сектор во Македонија е стабилен, и покрај сите нестабилности и несигурности што владеат во светската економија и на светските финансиски пазари.
И покрај кризата и нестабилноста што продолжуваат да ја тресат европската економија, финансискиот и банкарскиот сектор во земјава се стабилни.
Ова е заедничка констатација на министерот за финансии Зоран Ставрески и гувернерот на Народна банка на Македонија, Димитар Богов.
Двајцата водечки луѓе во македонските финансии сметаат дека состојбата во банкарскиот сектор во земјава останува стабилна, како и дека во тој дел не постојат системски ризици. Банките успеваат да се справат со сите ризици што ги носи работењето, е пораката што вчера ја упатија и Ставрески и Богов, пред одржувањето на редовната средба меѓу претставниците на финансиските супервизорски органи.
„Генерална констатација е дека финансискиот сектор во Македонија е стабилен, и покрај сите нестабилности и несигурности што владеат во светската економија и на светските финансиски пазари“, смета првиот човек на монетарната власт, Богов.
Според Ставрески, и натаму е актуелна констатацијата дека состојбите се добри, односно финансискиот сектор во целина е стабилен и нема системски ризици. Но, банките и другите „играчи“ на финансискиот пазар треба да се справат со актуелните ризици што ги носат европската и светската криза. „Финансискиот сектор во целина е стабилен. Нема системски ризици. Банките и останатите сегменти на финансискиот пазар успеваат да се справат со актуелните предизвици што ги носат европската и светската криза. Се разбира во одделни сегменти имаме движења кои треба да се нотираат и за кои ќе дискутираме. Конкретно во сегментот на финансиски друштва досега се формирани три, од кои едно е за издавање и администрирање картички, и две се претежно во делот кредитна активност, факторинг и гаранции“, изјави вицепремиерот Ставрески.
Инаку, откако пред неколку месеци беше изменет Законот за банки, веќе има три барања од три штедилници за трансформација во финансиски друштва. Тие барања веќе се процесуирани во централната банка, а сега постапката продолжува во Министерството за финансии.
Промени има и на пазарот на капитал. По последната законска измена е овозможена котација на 90 друштва, кои се пријавени да котираат на Берзата, а очекува тоа да се случи во јуни, откако ќе биде одобрено од страна на Комисијата за хартии од вредност. „Тоа ќе овозможи, колку што е можно во вакви околности, да се зголеми ликвидноста на Берзата и да има повеќе тргување“, вели Ставрески.
Министерот нагласи дека во согласност со добрите економски практики, и во Македонија се одвива координација помеѓу НБМ и Министерството за финансии, во насока на следење на состојбите во финансискиот сектор, посебно регулаторните тела задолжени за регулирање на финансиските институции. „И денеска со гувернерот ќе ја разгледаме состојбата во сите сегменти на финансискиот пазар, вклучително и пазарот на капитал, осигурителните друштва, нивна супервизија, следењето на финансиските и лизинг-друштвата, и банкарскиот сектор“, рече Ставрески.
Ова е трет состанок на регулаторните тела во финансискиот сектор, а првиот се одржа пред една година.